Хрватскиот фудбалски шампион Динамо денес преку соопштение ги осуди синоќешните инциденти во Атина предизвикани од навивачи на клубот кои самоиницијативно отпатуваа во грчката престолнина. Во нередите на улиците на Атина едно лице го загуби животот.
-ФК Динамо најостро ги осудува нередите што се случија синоќа во Атина, во кои, според извештаите на грчката полиција и грчките и хрватските медиуми, во инцидентите со навивачи на грчкиот фудбалски клуб АЕК учествуваа и навивачи од Хрватска. Ваквите настани не се во согласност со вредностите и етиката што ги промовираме како клуб и заедница.
Како спортска организација, ние секогаш сме посветени на промовирање на фер плеј, спортски дух и позитивна атмосфера на стадионите. Немирите не само што ја загрозуваат безбедноста на сите присутни, туку и ја нарушуваат репутацијата на фудбалот како спорт што ги обединува луѓето и културите.
Ја изразуваме нашата длабока загриженост за овој инцидент. За жал, едно лице го загуби животот за време на немирите. Динамо изразува искрено сочувство до семејството на починатиот. Уште еднаш ги потсетуваме и ги повикуваме сите навивачи на Динамо да не патуваат на натпреварот во Грција, со оглед на тоа што УЕФА во договор со полицијата одлучи двата натпревари да се играат без гостински навивачи.
Динамо останува посветен на создавање средина во која љубовта кон спортот се изразува на позитивен начин, преку заедништво, почит и соработка, стои во соопштените на хрватскиот клуб.