Манчестер сити веќе го промовира своето бомбастично засилување за новата сезона, норвешкиот незапирлив бомбардер Ерлинг Браут Халанд и ангажманот на суперталентот значи дека Габриел Жесус е вишок на „Итихад“.
„Скај Спорт“ вечерва објави дека репрезентативецот на „кариоките“ и долгогодишен член на Сити е пред потпис со лондонски Арсенал, зашто Микел Артета веќе подолго време бара добар центарфор за својот тим, а бидејќи „топчиите“ се пред пласман во ЛШ, за настапот во елитното друштво и тоа како ќе им треба добар голгетер.
Жесус во Сити дојде за 33 милиони евра од Палмеираш во 2017 година и оттогаш има 58 гола на 157 настапи за „граѓаните“, додека за Бразил на 54 меча даде 18 гола. Жесус сезонава има осум гола и осум асистенции во 26 меча во Премиерлигата, но посебно игра во одлична форма во последниве три недели во кои даде вкупно шест гола.