сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Драмата во Букурешт им припадна на Романците

Драмата во Букурешт им припадна на Романците

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра рамноправен натпревар против Романија, но примивме лесни погодоци кои му ја донесоа победата на противникот од 3-2 на стартот од квалификациите за пласман на СП во катар во 202 година.

Првата голема шанса ја имавме во осмата минута, Несторовски имаше двоен обид. Прво ја промаши топката, па Пандев му ја врати, но и вториот удар негов беше лош и можноста пропадна.

Во 22. минута Барди брзо изведе слободен удар, додаде до Пандев кој проба да погоди со лоб но го префрли голот.

Шест минути подоцна грешка на нашите фудбалери која ја казни Танасе, излезе сам пред Димитриевски и убаво пласираше за водство на Романија од 1-0.

Во 32. минута Елмас влезе во голема шанса, но и тој не го погоди голот на Романците.Лошо го почнавме второто полувреме, Романците ја преземаа иницијативата, а во 50. минута по една нова наша грешка, дебитантот Михаила постигне прекрасен гол од далечина за водство на домаќинот од 2-0.

Во 60. минута Барди направи соло пробив, но шутираше крај голот. Шест минути подоцна тој имаше нова можност за погодок, изведувавме индирект во шеснаесетникот на противникот, но неговиот удар беше блокиран.

Во 73. минута имавме нова голема шанса, по неколку комбинации во шеснаесетникот на противникот, Адеми биеше млако во романскиот голман од добра позиција.

Течеше 82. минута кога Алиоски убаво центрираше, а Адеми погоди со глава за намалување на резултатот на 2-1.

Веќе во следната минута израмнивме на 2-2, Барди паметно асистираше до Трајковски кој погоди за голема радост на Македонија која не траеше долго.

Само што израмнивме, во 86. минута Хаџи постигна гол и го врати водството на Романија, овој пат од 3-2.

Следниот натпревар го играме во недела во Скопје против селекцијата на Лихтенштајн.