сабота, 10. февруари 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

ЕУРО2020: Англиската фудбалска федерација ги повика навивачите да не патуваат на четвртфиналето во Рим

ЕУРО2020: Англиската фудбалска федерација ги повика навивачите да не патуваат на четвртфиналето во Рим

Англиската фудбалска федерација (ФА) објави денеска дека се откажува од 2.560 влезници што и следуваат за четвртфиналниот дуел на ЕУРО2020 против Украина во Рим, и ги повика англиските навивачи да не патуваат во Италија за натпреварот.

– Ве молиме да имате предвид дека ФА нема да продаде ниту една влезница преку официјалната агенција за патување на англиски навивачи на натпреварот од четвртфиналето поради ограничувањата (поврзани со Ковид-19), кои се на сила во Италија и Велика Британија, соопшти ФА.

Натпреварот меѓу Англија и Украина се игра в сабота, а доколку некој англиски навивач сака да ја бодри својата репрезентација од трибините на Олимпискиот стадион во Рим ќе мора да мине петдневен карантин во Италија, а по враќање на британска почва да остане во десетдневна изолација.

ФА, меѓутоа, соопшти дека „се координира со УЕФА и британскиот амбасадор во Италија со цел да се олесни продажбата на што поголем број влезници за британски државјани со престој во Италија“.

Англија вчера пред 40.000 гледачи на „Вембли“ во Лондон ја совлада Германија (2:0) и обезбеди четвртфинална пресметка против Украина в Рим. Во случај на победа, Англија во полуфиналето ќе се врати на „Вембли“ каде ќе игра против победникот од натпреварот меѓу Данска и Чешка.