Два дена откако неговата репрезентација неочекувано беше елиминирана од Чешка во осминафиналето на ЕУРО2020, селекторот на Холандија, Франк де Бур, денеска поднесе оставка.
-Целта не беше остварена и донесов одлука да не продолжам како национален селектор, изјави Де Бур за официјална страница на Холандската фудбалска федерација (KNVB).
Де Бур ја презеде холандската репрезентација во септември минатата година, по трансферот на Роналд Куман во Барселона, и на 15 натпревари на селекторското место оствари ефект од осум победи, четири нерешени и три порази.
Претседателот на KNVB, Нико – Јан Хогма, истакна од своја страна дека целта на Холандија на ЕУРО2020 била најмалку пласман во четвртфинале и додаде дека наследникот на Де Бур ќе биде познат во многу скоро време.
-Изборот на Френк за селектор не заврши како што се надевавме. Сега мораме брзо да најдеме наследник, бидејќи веќе на 1. септември не очекува важен натпревар против Норвешка во Осло (во квалификациите за Мундијалот 2022 во Катар), изјави првиот човек на холандскиот фудбал. (МИА)