вторник, 2. јануари 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Фазлагиќ: Македонија во иднина ќе биде подобра

Фазлагиќ: Македонија во иднина ќе биде подобра

Младата македонска фудбалска репрезентација со пораз од 3-0 од апсолутниот фаворит Франција во Ле Ман ги почна новиот евроквалификациски циклус, па сега по први бодови во групата ќе чека од пресметката со Србија на „Билјанини Извори“ во Охрид, за три дена, од 16 часот.

Фудбалерите предводени од екс-сениорскиот селектор Драги Канатларовски – Цапар, денеска ќе имаат тренинг, по што ќе заминат на охридското крајбрежје, каде ќе се подготвуваат за пресметката со младите „орли“ и според еден од најискусните во овој состав, Енис Фазлагиќ, кој веќе играше во два претходни циклуси и важи за еден од најталентираните македонски фудбалери за врска, за очекување е многу подобра Македонија од меч во меч.

„Имаме одлична комуникација со новиот селектор, иако имавме малку време за да се запознаеме и да се подготвиме за мечевите, нопостепено нѐ запознава со неговите идеи и замисли и верува во оваа селекција. Може да очекуваме само подобра Македонија во иднина. Нe чека меч на домашен терен, имаме големи мотиви, играме пред наша публика и сето тоа е голем мотив да се прикажеме во најдобро светло за да освоиме бодови. Србија загуби од Украина, но е доста квалитетна селекција и тој пораз нималку не го намалува нивниот квалитет. Овој меч ќе биде многу поразличен од тој со Франција“, вели Фазлагиќ.

Младиот фудбалер за врска и капитен, посочува дека Франција во моментов е едноставно пресилна за црвено-жолтите, а признава дека и самите им помогнале на французите за убедливата победа, во која Македонија немаше ни еден директен шут кон голот на противникот.

„Свесни сме за грешките и за тоа дека одигравме под очекувањата, но Франција е премногу силна и тоа го покажа и го потврди на треенот во Ле Ман. Има многу квалитетни фудбалери, кои играат во најдобрите клубови во Европа, но сето тоа не е воопшто оправдување за нашата игра. Ние игравме под очекувањата, а требаше да играме на повисоко ниво. Премногу ги респектиравме, правевме грешки и им дозволивме да се разиграат, а со тоа и да го покажат сиот свој квалитет“, посочува Фазлагиќ.

Македонија и Србија во моментов пред својот меѓусебен меч се единствени во групата без освоен бод, зашто Франција и Украина имаат по три од еден меч, а три бода имаат и Фарски Острови и Ерменија, но од два меча после меѓусебните пресметки во квалификациите.