Играчот од средниот ред на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, е една од главните причини тимот да обезбеди учество во следното издание на Лигата на шампионите. Португалецот имаше голема заслуга за силниот настап на „црвените ѓаволи“ од почетокот на годината. Вчера екипата на Оле Гунар Солскјер победи со 2:0 на гостувањето кај Лестер во решавачкиот натпревар и заврши на третото место во финалниот пласман на англиското првенство.
– Секако дека играњето во ЛШ е секогаш посебно и се надевам дека тоа ќе биде случај со навивачите. Ние заслужуваме да играме во најсилното европско клупско првенство. Јас немам ништо против Лигата на Европа, но сите знаат дека најдобриот турнир е Лигата на шампиони. Ние трениравме напорно и работевме за тој момент. Знаевме дека единствено што можеме да постигнеме во првенството е да се квалификуваме во Лигата на шампионите и напорно се боревме за тоа, но не сме доволно задоволни затоа што знаеме дека овој клуб и овие играчи можат да донесат многу повеќе во клубот. Мислам дека имаме квалитети да се бориме за трофеи. Кога ќе освоиме трофеи, тогаш ќе бидеме навистина среќни, изјави Фернандеш пред клупската телевизија.
За Манчестер Јунајтед сезоната продолжува, бидејќи следуваат натпреварите од Лигата на Европа, каде екипата е на еден чекор од четвртфиналето. „Црвените ѓаволи“ се соочуваат со австриски ЛАСК следната недела во реваншот од осминафиналето, откако го добија својот прв натпревар од 5-0.
– Сега нашиот фокус е на Лигата на Европа, бидејќи тоа е трофеј што сакаме да го освоиме. Дојдов во Манчестер да освојувам трофеи. Ако излеземе со идејата дека треба да победиме на секој натпревар, ќе го освоиме турнирот, рече Бруно. (МИА)