Комисијата за натпреварување при Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) по разгледување на жалбените наводи и документацијата за натпреварот Шкендија – Академија Пандев одигран на 25-ти февруари во Тетово во рамки на 21. коло на Првата Македонска фудбалска лига, заклучи дека тетовскиот тим не ја прекршил алинеа 3 од членот 20 во Правилникот за натпреварувања.
Комисијата потврди дека станува збор за исклучување на фудбалер поради црвен картон и тоа претставува чин на казна, по што Шкендија останала со играч помалку на теренот.
Академија Пандев поднесе жалба до ФФМ сметајќи дека е направен прекршок на правилото секој тим во првата лига да има фудбалер до 21 година во текот на првото полувреме.
Во 21. минута од мечот, играчот на Шкендија, Енис Фазлагиќ заработи црвен картон по што домаќините 15 минути играа без играч под 21 година кога во 36. минута влезе Шефити Шефит.
– Комисијата за натпреварување во конкретниот случај ги ценеше и другите оконости кои влијаеле на последиците од постапките на пријавената екипа, но од писмените докази се утврди дека се работи за исклучување на играч заради добиен црвен картон од страна на судијата на натпреварот, добиената санкција – црвен картон има суспензивно дејство и екипата чии играч се исклучува останува со играч помалку. Согласно ова комисијата утврди дека клубот нема направено дејство во насока на прекршување на правилото, од причина што екипата останала со играч помалку поради санкција изречена од службено лице – црвен картон. Полувремето, го играла и завршила со играч помалку, велат од ФФМ.
Комисијата не може да преземе никакви санкции против тетовчани, а натпреварот Шкендија – Академија Пандев, се регистрира со резултат 1:0.