Агентот на Икер Касиљас се огласи откако голманот вчера претрпе срцев удар, вели дека Шпанецот е во добро расположение и ја остава вратата отворена за тој повторно да му се врати на фудбалот.
Вчера од Португалија пристигна лоша вест, Икер Касиљас бил пренесен во болница откако претрпел срцев удар на тренингот на Порто. За среќа голманот не е во животна опасност благодарејќи на брзата реакција и интервенција на докторите.
Неговиот агент во емисијата „Ел Партидазо“ објаснил што се случувало и порачал дека ова е најголемата победа во животот на Икер Касиљас.
„На средината од денешниот тренинг, Икер почнал да се жали дека нешто не е во ред, имал голема болка во градите, устата и рацете, не бил свесен дека доживува срцев удар“ – вели Карло Кутропија.
„Имал голема среќа што сето ова се случувало пред очите на докторите на Порто, кои веднаш реагирале и го однеле во болница. Да му се случело дома, последиците ќе беа незамисливи“.
Експерт по кардиологија од Шпанија истакна дека кариерата на голманот е веќе завршена, но агентот ја остава вратата отворена за враќање на Икер Касиљас на терените.
„Вчера попладнето тој веќе беше оној стариот, правеше шеги, беше весел, сакаше уште сега да ја напушти болницата. Икер е голем борец, па зошто да не му се врати на фудбалот? Но тоа не е приоритет во моментов, најважно е да биде здрав“.
„Ова е поважно од триумф на Светското првенство, ова е најголемата победа во неговиот живот. Денеска Икер ја имаше одбраната на неговиот живот“.