понеделник, 15. април 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

ФОТО: Ова се најстарите зачувани копачки во Македонија, датираат од 1931 година

ФОТО: Ова се најстарите зачувани копачки во Македонија, датираат од 1931 година

Најстарите зачувани фудбалски копачки во Македонија се дел од постојаната поставка на Музејот на Македонија.

-Тие датираат од 1931 година, а биле сопственост на Ѓорѓи Соколов Клинчаров – Сокол, фудбалер на ФК „Слога“ од Велес и спортски активист во тој град. Копачките ги користел во периодот од 1931 до 1935 година додека настапувал за ФК „Слога“. Истите се тешки 700 грама, изработени се од црна кожа и на долниот дел имаат цврст ѓон врз кој се поставени седум крампони, информираат од Музејот.

Од горната страна имаат по едно ремче кое служи за поефикасно да ја држи ногата во копачката.

Овие копачки најверојатно се од македонско производство. Имено, по крајот на Првата светска војна во македонските градови престојувале англиски единици. Во тој период биле одиграни три натпревари помеѓу македонската фудбалска екипа „Напредак“ и членови на англиските единици. Откако тие заминале за Англија, во знак на благодарност испратиле 11 пара копачки за фудбалерите на „Напредак“.

По нивниот модел некои македонски кондураџии започнале да изработуваат копачки, а познати се мајсторот Ангел Јосков од Велес, Димитар Стојановски – Мито од Битола итн. Токму некој македонски кондураџија ги изработил копачките на Сокол.