Вечер од 21 часот стартува Европското фудбалско првенство со натпреварот Турција-Италија кој ќе се игра на „Олимпико“ во Рим и е од 1.коло во А-групата во која се наоѓаат и селекциите на Швајцарија и на Велс.
На ЕВРО 2020 ќе настапи и македонската фудбалска репрезентација. „Црвено-жолтите“ дебито на континенталните првенства ќе го имаат в недела од 18 часот против Австрија во Букурешт како дел од Ц-групата каде се сместени и репрезентациите на Холандија и на Украина.
Скилзи е официјалната маскота за ова Европско првенство која беше претставена во мај 2019 година.
Маскотата симболизира хуманоид во слободен стил на фудбал, како и културата на уличниот фудбал пана. Скилзи е претставен од страна на изведувачите на слободниот стил на фудбалот — Лив Кук и Тобијас Бек.
ЕВРО 2020 ќе се игра во 11 града: Рим, Букурешт, Баку, Копенхаген, Санкт Петербург, Лондон, Амстердам, Глазгов, Севилја, Будимпешта и Минхен.
Од 24 репрезентации, во следната фаза ќе се пласираат двете првопласирани од секоја од шесте групи, како и четири третопласирани кои ќе имаат најдобар биланс.
Европското првенство ќе трае до 11 јули.