Напаѓачот на Манчестер Јунајтед и Чиле, Алексис Санчез, се приклучи на Интер за остатокот од сезоната, објавија двата клуба.
Договорот е до 30 јуни 2020 година и доаѓа по разочарувачкиот период на „Олд Трафорд“ за 30-годишниот фудбалер. Санчез пристигна во Јунајтед од Арсенал во јануари 2018 година, но тој никогаш не се наметна кај „црвените ѓаволи“, постигнувајќи само пет гола на 45 натпревари на сите турнири за клубот.
– Манчестер јунајтед и Интер се договорија за наемот на Алексис Санчез. Му посакуваме се најдобро на Алексис за време на периодот во Милано, се вели во краткото соопштение на Јунајтед на нивната веб-страница.
Италијанските медиуми оваа недела објавија дека Јунајтед ќе продолжи да ја плаќа платата на Чилеанецот на Интер, при што нема опција за целосен откуп.
Санчез ќе се здружи со белгискиот напаѓач Ромелу Лукаку, кој го напушти Јунајтед за Интер овој месец во договор што ги чинеше „нероазурите“ околу 80 милиони евра. Чилеанецот, кој помина три години со екипата на Удинезе во Серија „А“, пред да замине во Барселона, е топ-стрелец на јужноамериканската земја со 43 гола.
– Во име на целото семејство Интер, би сакале да го поздравиме Алексис со „Добредојде“ и да му посакаме се најдобро, се вели во пораката на Интер.
? | THIS PLAYER…#NotForEveryone @Alexis_Sanchez #WelcomeAlexis pic.twitter.com/tTxVqeMDup
— Inter (@Inter) August 29, 2019