Откако не настапи на Европското првенство минатата година, фудбалската селекција на Србија се враќа на големата сцена и ќе биде меѓу учесниците на претстојното Светско првенство во Катар.
По подолго време Србија поседува голем квалитет во своите редови, па затоа и очекувањата кај фановите се поголеми на овој собир. На три месеци до стартот од планетарниот шампионат, Фудбалскиот сојуз на Србија го објави дизајнот на дресовите со кои „орлите“ ќе бркаат победи во Катар, а дресот веќе предизвика поделени мислења.
„Одвојувањето на институционалниот грб од репрезентативниот грб е практика која веќе се спроведува во Федерациите (Белгија, Холандија, Франција, Италија…). Од друга страна, грбот кој во иднина ќе го краси дресот на националните селекции симболизира и содржи неколку вредности: традиција, страст, посветеност, единство и храброст. Инспириран е од традиционалните мотиви, симболи на нашата земја низ историјата“, се вели во соопштението на Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС).
Домашната гарнитура на дресови е во бордо боја, додека гостинскиот дрес е бел. На првенството во Катар, Србија ќе биде во група со Бразил, Швајцарија и Камерун.