Фудбалската федерација на Гибралтар објави денеска дека националниот тим своите домашни натпревари во квалификациите за пласман на ЕУРО2024 ќе ги игра во градот Фаро, на југот на Португалија.
Гибралтар досега имаше дозвола од УЕФА да ги игра натпреварите на домашен терен на стадионот „Викторија“, иако овој објект не исполнуваше голем дел од потребните инфраструктурни стандарди.
Специјалната дозвола од УЕФА, во меѓувреме истече, и според најавите од средината на идната година на стадионот „Викторија“ ќе почнат градежни работи за негова реконструкција.
Гибралтар оваа сезона во Ц – дивизијата во Лигата на нации беше во група со Македонија, Грузија и Бугарија, додека во претстојните квалификации за ЕУРО2024 е во група со Франција, Холандија, Грција и Република Ирска.