Можеби малку и доцна но со големи трансфери тргна и новиот англиски премиерлигаш Фулам. Многумина му замеруваа на менаџерот Славиша Јокановиќ на инертноста на почетокот на преодниот рок, но како Жан Мишел Сери повлече нога, така клубот од Кревен Котиџ само носи засилувања.
А засилувањата не се било какви, прави бомби тек се очекуваат. Како што најавуваат скоро сите англиски медиуми до крајот на денот, односно до 18 часот, кога се затвора преодниот рок во Англија би требало да направи пет трансфери. Некои од нив веќе договорени и се чека само верификација, како што е случајот со голманот на Севиља, Серхи Рико. Некои се во фаза на финализација, како што е случајот со левиот бек од Бристол, Џо Брајан, кој е на лекарски прегледи, тој пристигнува како замена за Мет Таргет од Саутемптон, за кого не беше прифатена понудата од 15 милиони фунти. Но, има и онакви за кои се уште се преговара.
Утрово беше објавено дека Андре Ангис, играчот од средниот ред на Марсеј е со една нога во Фулам. Новата информација вели дека на Велодром се поздравиле со него и му посакале многу среќа во новиот клуб.
По десната бековска страна во новиот премиерлигаш ќе гледаме и еден Шпанец, станува збор за Мартин Монтоја. Со Валенсија е постигнат договор за позајмица, така што тек е средување на последните детали.
А за крај се чува вистинската бомба, Лусијано Вието. Ситуацијата за овој трансфер е најтешка и до договор со Атлетико е најдалеку, но ситуацијата во последните часови се менува од минута во минута. Диего Симеоне не смета на него, па Атлетико му го понуди на Фулам на едногодишна позајмица. Според другите извори од Англија, тимот од Лондон пратил понуда за позајмица. Било што било, за ова треба сериозно да се разговара.
За сите пет трансфери, доколку се реализираат тимот на Јокановиќ би требало да исплати близу 40 милиони евра.