Во моментите кога фановите на Манчестер Јунајтед се во исчекување на исходот од трансферот на Френки Де Јонг од Барселона, раководството на клубот го договори првото засилување на тимот за следната сезона.
Се работи за 22-годишниот лев бек Тајрел Маласија, кој беше едно од најголемите откритија во холандскиот фудбал минатата сезона. Маласија беше пред преселба во редовите на Лион, но во преговорите се вмеша Манчестер Јунајтед и англискиот гигант сега е во предност за неговиот потпис.
„Постигнавме договор со Манчестер Јунајтед за трансфер на Тајрел Маласија и доколку тој ги договори и личните услови со клубот, трансферот е неминовен“, потврди Френк Арнесен, спортскиот директор на Феенорд.
Доведувањето на Маласија на „Олд Трафорд“ може да донесе заминување на еден од досегашните леви бекови во тимот – Лук Шо и Алекс Телес.