Ѓорге Стојчев е назначен за нов шеф на стручниот штаб на струмичкиот фудбалски прволигаш „Академија Пандев“. Тој доаѓа на местото на досегашниот прв стратег, Александар Васовски, кој замина во ФК „Сараево“.
-Раководството на клубот одлучи дека Стојчев е најдоброто решение за тренер на сениорскиот тим и ја има целосната доверба од сите во клубот. Стојчев е дел од „Академија Пандев“ од самото формирање, најпрво како тренер во младинските категории, а од пред три сезони и како асистент тренер во сениорскиот тим каде соработуваше со Југослав Тренчовски, Александар Таневски и Александар Васоски, стои во информацијата на официјалната страница на „пандевци“.
За продолжението на првенството прволигашот се засили со Димитар Митровски (22), кој последно има настапувано за екипата на Спортинг Лисабон, Португалија и ги има поминато сите младински репрезентативни селекции на Македонија. Митровски игра на позициите крило и офанзивен играч за врска, а освен во Португалија претходно има настапувано и за екипите на Ханза Рошток, Магдебург и Работнички.
„Акамдемија Пандев“ ги започна подготовките за вториот дел од првенството на 10 овој месец, а на 20 јануари екипата заминува на дваесетдневни подготовки во Анталија, Турција, каде треба да одигра шест контролни натпревари.