Клубот нема да може нормално да функционира, зашто и онака климавото финансиско работење сега е доведено целосно во прашање. Спорт1 дознава дека сметката е блокирана од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, зашто Вардар должел огромни пари за користењето на арената „Филип Втори“. Наводно, црвено-црните не го плаќале користењето на стадионот неколку години, па сумата која се наталожила сега била огромна.
Не се знае каков потег сега ќе повлече газдата на Вардар, Русинот Сергеј Самсоненко, чии луѓе во управата на клубот веќе се во преговори, најпознатиот македонски спортски бренд да биде вратен под капата на Град Скопје,од каде што и беше земен пред четири ипол години.
Самсоненко во неколку наврати јавно протестираше за цените за закуп на стадионот, кои нагло се зголемија пред ланското учество во Лигата на Европа. Но, потоа работата спласна и Вардар продолжи да го користи стадионот. Во меѓувреме, долговите растеле…
Според ценовникот, и тоа оној „поевтиниот“, за секој домашен меч без рефлектори, Вардар требаше да плаќа по 1.500 евра, а за ноќен термин двојно повеќе. За меѓународни натпревари сумата беше неколкупати поголема. На прес лани, пред стартот на натпреварите од Лигата на Европа, вардарци обелоденија дека од нив се бара да платат по 40 илјади евра за секој меч.
Во моментов, во Вардар има сериозна беспарица, клубот им должи на фудбалерите по шест плати, плус премии за пласманот во Лигата на Европа. Во меѓувреме се склучуваат нови договори со нови фудбалери иако ништо не им е подмирено ниту на старите играчи, тие што го направија историскиот успех лани.
Според проценките, вкупните долгови на клубот ја достигнуваат сумата од околу два милиони евра.