Стара идеја, нови моменти. Филипе Кутињо по промената на сопствеништвото во Њукасл повторно е мета на клубот од северот на Англија. Во следните денови новото раководство планира да најде адекватна замена за Стив Брус, а по ова сериозно ќе се активира на пазарот.
За потсетување, Кутињо веќе неколку месеци беше во фокусот на „црно-белите“. Во текот на летото дури имал и прелиминарни разговори со луѓето од конзорциумот кој го презеде клубот, меѓутоа се беше ставено на „стендбај“ бидејќи првиот обид за купување не успеа.
Сега, откако се е успешно завршено, Њукасл ќе се обиде во јануари да дојде до Бразилецот и да го направи првиот голем трансфер во новата ера на клубот.
Нема дилеми дека ваквите вести од Островот силно го радуваат новиот претседател на Барселона Жоан Лапорта кој се надева дека конечно ќе успее да се ослободи од Кутињо и колку-толку да ја поправи финансиската ситуација на „Камп Ноу“. И што е уште поважно, да направи простор во буџетот за плати.
На Барса и е во интерес што е можно побрзо да го продаде Бразилецот и поради калузулата од договорот со Ливерпул според која Каталонците мораат да им исплатат на „Црвените“ уште 20.000.000 евра кога играчот ќе одигра 100 натпревари за шпанскиот клуб. Кутињо досега 96 пати го облекуваше дресот на Каталонците.