недела, 10. март 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Играше за актуелниот европски шампион, а денес поправа рефлектори!

Играше за актуелниот европски шампион, а денес поправа рефлектори!

Поранешниот фудбалер на Манчестер Сити, Шеј Логан, важеше за огромен талент во своите тинејџерски години, но никогаш не блесна со сиот сјај и потенцијалот што го поседуваше.

35-годишниот десен бек имаше само еден настап за „граѓаните“ во Премиер лигата, а денес сè уште е активен фудбалер и игра за Коув Ренџерс од третата шкотска лига. Логан има и дополнителна работа, а таа е поправка на рефлектори. Фудбалерот врши сервис и санација на рефлекторите на неколку стадиони ширум Островот, а деновиве објави слика како работи на неговиот омилен стадион „Питодри“, каде игра Абердин за кој настапува нашиот Бојан Миовски.

„Од играње под рефлекторите, до нивно поправање“, напиша Логан на својот Твитер профил.

За време на престојот во Манчестер Сити, Логан беше испратен на неколку позајмици. Беше дел од Гримзби Таун, Стокпорт Јунајтед, Стокпорт Каунти, а потоа премина во Брентфорд. Најголем дел од кариерата мина во шкотски Абердин за кој настапи на повеќе од двеста натпревари.

Фудбалерот изјави дека следна цел му е да пронајде работа во нафтената индустрија, а би се пробал и во други сфери кои може да му донесат уште поголема исполнетост.

„Играм професионален фудбал од 16 години и отсекогаш знаев што е потребно за да бидам мотивиран. Фудбалот ме засити одамна и затоа сакам да барам нови предизвици. Животот не се состои само од една работа, мора да бидеме фокусирани на повеќе нешта, зашто само така човекот може да е среќен“, нагласи фудбалерот.

Одредени медиуми во Шкотска пишуваат дека Шеј Логан го прави сето ова затоа што не успеал да заработи доволно од спортот. Фудбалерот имаше прилично солидна кариера, но настапите во шкотскиот Премиершип и во пониските лиги, очигледно не ги задоволиле неговите финансиски апетити.