Македонската фудбалска репрезентација до 21 година овој месец во Кипар ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на домаќинот и против репрезентацијата на Србија.
Вчера младите репрезентативци во Скопје го имаа собирот и првиот тренинг, а попладнево отпатуваа за Кипар.
Марио Илиевски, еден од носителите на играта на младата селекција ги сподели своите очекувања за претстојните контролни средби против Кипар и Србија.
– Двата пријателски натпревари против Србија и Кипар се одлична контрола за квалификациите за ЕП што претстојат идната година. Се надевам дека ќе одиграме на едно високо ниво на двата натпревари. Мора да одиграме храбро и пожртвувано на терен, да покажеме квалитет, а резултатот ќе дојде сам по себе. Оваа репрезентација има одличен тимски дух и заедништво, се познаваме добро меѓусебно, сите имаме една цел, а тоа е да одиграме најдобро што можеме и во вистинско светло да ја претставиме Македонија. Поседуваме квалитет и тоа сакаме да го потврдиме на овие два меча, доколку одиграме како што знаеме и умееме, верувам дека ќе се радуваме на позитивен резултат, изјави Илиевски.
На 17 ноември, избраниците на селекторот Драги Канатларовски ќе се соочат со домашниот Кипар, а пет денови подоцна следува дуелот против Србија. (МИА)