Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино изрази жалење за неуспехот на италијанската репрезентација на Светското првенство во 2018 година. Швајцарецот со италијанско потекло призна дека имал желба трофејот од Мундијалот да му го предаде на капитенот на „азурите“ Џанлуиџи Буфон.
По неуспехот на Италија во баражот за СП прославениот голман ја објави завршувањето на својата кариера во националниот тим. И покрај тоа, медиумите објавија дека в.д. тренер на италијанската репрезентација, Луиџи Ди Бјаџо ќе го покани Буфон на пријателските натпревари во март против Аргентина (23 март) и Англија (27 март).
– Жал ми е, речиси заплакав. Првиот италијански претседател на ФИФА, а Италија нема да биде таму. Мислам дека тоа е тажно за секого, бидејќи зборуваме за репрезентација со голема традиција која се покажувала во најдобро светло на таквите турнири. Би сакал да му го дадам пехарот од Светско првенство на Буфон. Може ли да добие работа во ФИФА? Одам да разговарам со него и да го убедам, изјави Инфантино.
Претходно беше објавено дека сезоната 2017/18 ќе биде последна за голманот на Јувентус. Сепак, на крајот од јануари, 40-годишниот Италијанец призна дека може да игра уште една сезона.