Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, денес на Конгресот во Доха се осврна на случувањата во Украина и изрази надеж за брз крај на конфликтот.
– Во Украина се случуваат страшни настани. Конфликтите продолжуваат и во другите делови на светот и не смееме да ги заборавиме. Луѓето страдаат и умираат. Живееме во агресивен, поделен свет. Но, јас силно верувам во моќта на фудбалот да ги зближи луѓето, да ги надмине културните граници. Нелсон Мандела рече дека спортот има моќ да го промени светот. Но, во исто време, ние, драги пријатели, не сме толку наивни да мислиме дека фудбалот може да ги реши сите проблеми воопшто. Се разбира не. Со тешко срце гледам на Украина. Последното Евро кое го организирав заедно со УЕФА како генерален секретар на оваа организација се одржа во Украина и Полска. Последното финале на кое работев беше во Киев. И последното Светско првенство на кое работев како организатор како претседател на ФИФА беше во Русија. Финалето се одржа во Москва. Светското првенство што се одржа во Русија во 2018 година пред четири години беше величествено во секоја смисла, прекрасен успех во спортска и културна смисла. Очигледно, ова не ги реши проблемите во светот, а не ги реши ниту проблемите во регионот. И тоа не доведе до траен мир. Но, што сакам да кажам сега? Еден ден овој страшен конфликт ќе заврши, како и сите други конфликти во светот – се надевам дека тоа ќе се случи многу брзо – и тогаш фудбалот може да одигра мала улога во обновувањето на односите, во воспоставувањето мир и разбирање. И ние ќе бидеме таму, во преден план – во Украина и каде било во светот, каде што сме потребни, каде што е потребна ФИФА, изјави Инфантино.
Конгресот на ФИФА се одржува во Доха, главниот град на Катар каде од 21 ноември до 18 декември треба да се одржи Светското првенство 2022.