Поранешниот голман на израелската фудбалска репрезентација Дуду Ауате (45) изнесе навреди преку социјалните мрежи на адреса на францускиот напаѓач Карим Бензема, кој наведе дека Израел неоправдано бомбардира жени и деца во Појасот Газа.
Ауате, кој во кариерата настапуваше за Депортиво Ла Коруња и Мајорка, на платформата Х на пет јазици напиша „Ти си курвин син“, илустрирајќи ја пораката со знамињата на Израел и САД.
Бензема, кој ова лето го напушти Реал Мадрид и кариерата ја продолжи во саудиски Ал Итихад, претходно во неделата на истата социјална мрежа напиша дека се моли за жителите на Газа врз која израелската војска подготвува целосна офанзива од копно, море и воздух.
„Сите наши молитви се за жителите на Газа кои повторно се жртви на неправедно бомбардирање“, напиша 35-годишниот Бензема. (МИА)