Германскиот голман, Лорис Кариус, направи нова неверојатна грешка и е директен виновник за поразот на неговиот Бешикташ во мечот од второто коло во рамките на Лига Европа против екипата на Малме.
Овој чувар на мрежата направи две кардинални грешки во минатогодишното финале од Лигата на шампионите кое се играше помеѓу неговиот тогашен клуб Ливерпул и Реал Мадрид, па фактички им ја подари титулата европски првак на Кралевите.
За потсетување, Кариус при првиот гол му ја подари топката на Бензема, додека при третиот, после шут на Бејл, топката му падна од раце.
Кариус потоа се најде на голем удар во јавноста, набргу и го напушти Ливерпул, а кардинални и дури помалку бизарни грешки продолжи да прави и во дресот на турскиот гигант.
Се играше 53 минута од споменатиот меч во Лига Европа, кога резултатот гласеше 0:0, а еден обичен центаршут од десната страна, при кој топката случајно се одби од левиот бек на Бешикташ, на трагикомичен начин го измами Кариус и заврши во мрежата.
Тоа беше погодок преку кој домаќините стигнаа до предност. Во продолжение Бешикташ со сите сили се обиде да дојде до изедначување, но конечните 2:0 ги постави Розенберг во 76 минута од белата точка.