Поради состојбата со коронавирусот во земјата, Кина се откажа од организација на Азиското фудбалско првенство, потврди денеска официјално Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ).
Азиското фудбалско првенство, што се одржува на секои четири години, требаше да се игра во десет кинески градови, од 16 јуни до 16 јули идната година.
-По опсежни разговори со Кинеската фудбалска федерација (ЦФА), Азиската фудбалска конфедерација официјално е известена од кинеската страна дека нема да може да го нагости Азиското фудбалско првенство 2023. Свесни сме за вонредните околности предизвикани од пандемијата на Ковид-19 кои доведоа до тоа Кина да се откаже од правото на организација, соопшти АФЦ.
Кина продолжува да спроведува политиката на нулта толеранција кон заразата со Ковид-19, а градовите ширум земјата се соочени со строги ограничувања како резултат на неодамнешното ширење на новиот сој Омикрон. (МИА)