Роберто Фирмино долги години беше симбол за нападот на Ливерпул и ја игра осмата сезона на „Енфилд Роуд“, но истата ќе биде последна за фантастичниот бразилски фудбалер.
Популарниот Боби реши да не го продолжува договорот со Ливерпул и да си замине како слободен агент претстојново лето, одлука која донесе доста реакциите интерно во тимот, пред се поради тоа што соиграчите навистина имаат неизмерна почит кон напаѓачот.
Новите засилувања во нападот беа мала најава дека ќе мора да си замине некој од поискусните, а тоа на крајот е Фирмино кој на 31 година ќе бара нов предизвик во кариерата.
– Точно е, Фирмино лично ми кажа дека ќе си оди. Изненаден сум, но не сум повреден од изненадувањето. Ова е нормална работа во фудбалот. Можеше да заврши на два начини, а заврши на овој. Го почитувам неговото мислење.Во вакви долги врски како со Боби секогаш е специјално, многу ми се допадна како беше поздравен против Јунајтед кога влезе во игра. Ми кажа само едно, ми порача дека сака да ја заврши оваа приказна со позитивен крај. Тој е тука до крајот, максимално посветен и тоа е она што е најважно. Ќе има време за збогување, ќе дојде тој момент подоцна во сезоната. Тој добро знае, кога и да се врати во клубот, неговата песна се уште ќе се пее на трибините. Боби е еден од оние играчи кои дури и да дојде со противнички дрес, ќе донесе насмевки меѓу луѓето на Ливерпул, – изјави Клоп.