среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

КРАЈ ЗА ЕДЕН АЗАР: Поранешниот најдобар фудбалер на Премиер лигата објави крај на кариерата

КРАЈ ЗА ЕДЕН АЗАР: Поранешниот најдобар фудбалер на Премиер лигата објави крај на кариерата

Поранешниот репрезентативец на Белгија и фудбалер на Челзи, Еден Азар денеска соопшти дека ја завршил својата играчка кариера.

– Мора да се слушате себеси и да кажете стоп во вистинско време. По 16 години и повеќе од 700 одиграни натпревари, решив да ја завршам кариерата како професионален фудбалер. Успеав да го остварам мојот сон, играв и се забавував на многу терени ширум светот. Во текот на мојата кариера имав среќа да запознам одлични менаџери, тренери и соиграчи. Ви благодарам на сите за овие прекрасни времиња, ќе ми недостасувате сите. Исто така, сакам да им се заблагодарам на Лил, Челзи и Реал Мадрид. Благодарност до Фудбалскиот сојуз на Белгија и белгиската репрезентација, напиша Азар на Инстаграм.

Белгиецот потсети дека решил да стави крај на својата играчка кариера на 32 години.

– Посебна благодарност до моето семејство, моите пријатели, моите советници и луѓето кои ми беа блиски во добри и лоши моменти. За крај, голема благодарност до вас, моите фанови, кои ме следеа сите овие години и ме бодреа секаде каде што играв. Сега е време да уживам со моите најблиски и да имам нови искуства. Се гледаме наскоро надвор од теренот, мои пријатели – заврши Азар.

Азар играчката кариера ја започна во Тубизе, а потоа играше за Лил од 2005 до 2012 година. Во Челзи пристигна во 2012 година, а седум години подоцна се пресели во Реал Мадрид за 115 милиони евра.

Тој не ги оправда очекувањата во мадридскиот клуб поради проблеми со формата и повреди. Одигра 76 натпревари за Реал од 2019 до јуни 2023 година и постигна седум гола. Со мадридскиот клуб освои шест трофеи.

За репрезентацијата на Белгија настапи на 122 натпревари и постигна 33 голови, а од репрезентацијата се прости лани по Светското првенство во Катар.