Тони Крос се подготвува со својата селекција за Европското првенство кое и официјално стартува вечерва, турнир на кој нема да настапи една голема фудбалска ѕвезда која инаку е соиграч на Германецот во клупската средина.
Серхио Рамос не доби повик од селекторот Луис Енрике и за првпат во историјата еден шпански тим ќе настапи на големо натперварување без член од Реал Мадрид, клуб кој се уште нема донесено конечна одлука за тоа дали капитенот ќе добие нов договор.
Актуелниот договор на Рамос истекува за 20 дена, а Тони Крос се обиде да испрати последна порака до Флорентино Перез и неговите соработници околу лидерските квалитети на стоперот.
– Нема потреба да се зборува за значењето кое го има Рамос за Реал Мадрид. Искрено, не знам како стојат работите меѓу клубот и него, но знам дека му преостануваат уште 20 дена од договорот. Тој е фантастичен соиграч и минавме неверојатни години заедно. Се надевам дека не чекаат уште години заедно, но на крајот од краиштата, тоа не е моја одлука.
– Рамос секогаш бил одличен соиграч и вистински капитен. Тој е најдобриот лидер и најдобриот капитен кој сум го имал во кариерата. Осум години сме заедно и се надевам дека ќе остане така и во иднина, – вели Крос.