Голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, не крие дека сонувал за големи успеси со „белиот балет“. Белгиецот призна дека сака „требл“ со својот нов тим и додаде дека „отпишувањето на „кралскиот“ клуб е сериозна грешка“.
Куртоа премина на „Сантијаго Бернабеу“ летото 2018 година од Челзи.
– Не знам фудбалер кој не сака да потпише со Реал Мадрид. Се чувствував добро во Челзи, бев добро прифатен во клубот и се чувствував добро во соблекувалната. Не сум имал никакви проблеми. Но, Реал Мадрид заѕвони на мојата врата и јасно е дека кога ве бара овој клуб, ве бара најголемиот“, објасни белгискиот репрезентативец.
Во 2014 година, кога беше дел од Атлетико Мадрид, тој се исправи против Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите. На прашањето дали имало некои шеги во врска со ова, голманот објаснил: „Се разбира дека имаше некои шеги за тој финален натпревар. Отсекогаш сум давал сè во себе, во кој тим и да сум. Сега ќе дадам сè за Реал“.
На прашање дали сонува за „требл“ (титули во Лигата, Купот и ЛШ), Куртоа објасни: „Нема сомнение. Реал Мадрид се стреми кон освојување на сите титули. Имаме многу квалитетни играчи на секој пост. Рака на срце, мислам дека не постои играч кој не верува дека Реал се стреми кон сите финалиња. Целиот тим сонува за „требл“. Ние веќе го освоивме Светското клупско првенство“, додаде Куртоа.