Полскиот фудбалски прволигаш Пјаст Гливице потврди денеска дека повредата на Тихомир Костадинов е од сериозен карактер и македонскиот репрезентативец ќе паузира најмалку шест месеци.
– Тихомир се подготвува за оперативен зафат што ќе му биде извршен идната недела, по што ќе следува рехабилитација од пауза од најмалку шест месеци, соопшти клупскиот лекар на полскиот прволигаш.
Костадинов се повреди во саботата на првенствениот натпревар против Лечна, откако влезе на теренот на стартот на второто полувреме, а принудно беше заменет во 77 минута.
Медицинските прегледи утврдија дека станува збор за кинење на вкрстените лигаменти на десното колено, поради што Костадинов нема да му биде на располагање на селекторот Благоја Милевски за стартот на Лигата на нации и јунските дуели против Бугарија, Гибралтар и Грузија. (МИА)