Бекот на Манчестер Јунајтед, Лук Шо, изјави дека на Мурињо треба да му се оддаде заслужена почит за она што го постигна на „Олд Трафорд“. Португалецот беше отпуштен од „црвените ѓаволи“ минатата недела по слабиот старт на сезоната. За време на престојот во клубот, Мурињо често го критикуваше Шо, но и му даде шанса да се истакне.
– Не е многу пријатно кога нешто толку големо ќе се случи во клубот, но мислам дека сите ние, играчите, треба да покажеме почит. Луѓето брзо заборавија што направи Жозе за Јунајтед, трите трофеи кои ги освои. Тој направи многу. Еден од трофеите (Лига Европа) клубот никогаш не го освоил. Затоа луѓето треба да го почитуваат и да се сетат на она што го сторил. Не само играчите туку и навивачите, изјави Шо.
По одличното деби на Оле Гунар Солскјер и победата од 5:1 над Кардиф, Шо призна дека ова е начинот на кој тимот треба да игра.
– Кај секој менаџер, при секакви околности, тоа е начинот на кој од Манчестер Јунајтед се очекува да игра. Ја движевме топката побрзо, бевме поефикасни. Во претходните натпревари имавме шанси, но не ги користевме повеќето од нив, коментираше дефанзивецот.
Тој додаде дека целта пред тимот е да влезе во топ 4 и рангирање во Лигата на шампионите, иако тимот заостанува осум поени од Челзи и Арсенал, кои се моментно четврти и петти.
– Се разбира дека сакаме да бидеме во топ 4, сакаме да играме во Лигата на шампионите следната сезона. Ако продолжиме да играме како против Кардиф, не гледаме зошто не можеме да успееме. Патот е долг и мора да се концентрираме на тоа како да ги стигнеме тие пред нас, додаде фудбалерот на „црвените ѓаволи“.