Македонската репрезентација посакува со позитивен резултат денеска од 18 часот против Холандија на „Јохан Кројф арената“ во Амстердам да стави точка на настапот на ЕВРО 2020.
Сето тоа и како последно благодарам од репрезентативците за Горан Пандев, за кого дуелот со „лалињата“ ќе биде последен во националниот тим. А, во насока на првите бодови на европското првенство, се очекува поофанзивна тактичка определба на селекторот Игор Ангеловски во однос на претходните натпревари со Австрија и со Украина на кои доживеавме два порази.
Се очекува во самиот напад, покрај капитенот Пандев и Елиф Елмас, сега повторно да стартува Александар Трајковски. Со Адеми, Николов и Барди во средниот ред, повторно Стефан Ристовски се очекува да се врати на десната бековска позиција, како и Езгијан Алиоски на левата страна, заедно со стандардните Муслиу и Велковски во одбраната, пред голманот Столе Димитриевски.