Во комплетен состав и без дополнителни здравствени проблеми, македонската фудбалска репрезентација денеска во Скопје ќе ги стартува мини – подготовките за претстојниот натпревар против актуелниот европски првак Италија, во рамки на полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство во Катар.
Избраниците на селекторот Благоја Милевски попладнево од 17 часот ќе го одржат првиот од планираните неколку тренинзи пред заминувањето за Палермо, каде в четврток од 20:45 часот ќе и гостуваат на Италија на стадионот „Ренцо Барбера“.
Милевски за дуелот против Италија повика 27 фудбалери, од кои поради повреда отпадна напаѓачот на турски Гезтепе, Адис Јаховиќ, а на негово место дополнително беше повикан Ердон Даци од белгискиот второлигаш Вестерло.