Најдобрите македонски фудбалери очекуваат победа на утрешниот контролен натпревар против селекцијата на Ерменија, кој се игра утре во Струмица на стадионот „Благој Истатов“.
Според селекторот Благоја Милевски, нема повредени и сите фудбалери кои добија покана за овој натпревар конкурираат за настап.
– Очекувањата се да провериме сè што имаме на располагање во моментот од фудбалерите. Одигравме еден исцрпувачки натпревар против Украина и според тоа ќе видиме со што и колку располагаме во моментот. Ме радува што немаме повредени, а кој ќе настапи ќе одлучам пред самиот почеток. Овој натпревар е одлична можност со еден извонредно квалитетен противник, кој игра одлични квалификации во моментот, да го провериме потенцијалот на нашите фудбалери, рече Милевски на денешната прес-конференција во Струмица.
Според репрезентативецот Елиф Елмас, секогаш кога се настапува за репрезентацијата се игра за победа.
– Исто како и на претходниот натпревар ќе излеземе сите заедно сплотени и ќе одиграме добар натпревар и се надевам дека ќе победиме, рече Елмас.
Селекторот Милевски додаде дека сите фудбалери што се во ростерот ќе добијат шанса, но кој колкава минутажа ќе добие ќе се знае пред почетокот на средбата. Тој смета дека контролата против Ерменија е во функција на претстојните натпревари од квалификациите против селекциите на Англија и Италија, бидејќи Ерменија е квалитетен противник со добри поединци.
Натпреварот се игра утре на Стадионот „Благој Истатов“ во Струмица со почеток во 15 часот.