среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Македонските фудбалери со убедлив триумф се враќаат од Лихтенштајн

Македонските фудбалери со убедлив триумф се враќаат од Лихтенштајн

Македонската фудбалска репрезентација ја прекина серијата од три последователни нерешени натпревари во квалификациите за пласман на Светското првенство идната година во Катар и со победа од 4:0 (1:0) вечерва над Лихтенштајн во Вадуц изби на второто место во групата Ј.

Првото полувреме мина во целосна доминација на македонскиот состав и откако Милан Ристевски и Елиф Елмас за малку биеја непрецизно, Дарко Чурлинов ја погоди пречката, а голот на Александар Трајковски беше поништен поради офсајд, водството дојде во 39 минута преку Дарко Велкоски.

Теренската иницијатива на Македонците продолжи во вториот дел и донесе на крајот убедлив триумф со головите на Езѓан Алиоски од пенал (66 мин), Бобан Николов (74) и Чурлинов (83) за прва победа под водство на новиот селектор Благоја Милевски.

Во преостанатите два натпревари вечерва во групата Ј, Германија со пресврт ја совлада Романија на домашен терен со 2:1, додека Исланд и Ерменија одиграа нерешено 1:1.

По седум одиграни натпревари, македонската репрезентација е второпласирана со 12 бодови, идентично колку и третопласираната Ерменија, а шест помалку од лидерот Германија, која гостува понеделник во Скопје. (МИА)