недела, 19. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Манчестер Јунајтед оди на продажба

Манчестер Јунајтед оди на продажба

Англиските навивачи на Манчестер Јунајтед ги доживуваат едни од најтурбулентните моменти во поновата историја.

Во еден ден, во рок од само неколку часа, најпрвин дознаа дека Јунајтед го раскинал договорот со Кристијано Роналдо, еден од најдобрите играчи на денешницата, а потоа и дека сопствениците, семејството Глејзер, го продаваат клубот.

Глејзери најавија дека разгледуваат неколку опции, од „истражување стратешки алтернативи“, преку продажба на дел од акциите, до продажба на целата сопственост. Американски бизнисмени го купија клубот во 2005 година за повеќе од 750 милиони евра.

Незадоволни од тоа како семејството Глејзер го води клубот, навивачите речиси секоја година протестираа против американските сопственици. Во 2012 година, семејството Глејзер продаде 10 отсто од акциите преку берзата и оттогаш неколку пати направи слични трансакции.

-Додека ние продолжуваме да се обидуваме да му донесеме успех на клубот, одборот на директори донесе одлука за темелна проценка на стратешките алтернативи, изјавија во заедничката изјава Аврам и Џоел Глејзер.

-Ќе ги разгледаме сите опции за да го најдеме најдоброто решение за нашите навивачи и клубот да ги максимизира значајните можности за раст сега и во иднина. Додека овој процес продолжува, ние ќе останеме фокусирани да ги правиме работите во најдобар интерес на навивачите и акционерите, се вели во соопштението.

Американската инвестициска компанија „Рејн груп“, која управуваше со продажбата на Челзи во мај од 4,25 милијарди фунти, ќе биде ангажирана како ексклузивен финансиски советник на Јунајтед.

Јунајтед, кој моментално е петти во англиската Премиер лига, ја нема освоено шампионската титула од 2013 година.