Роберто Манчини на денешната прес конференција ги сподели очекувањата во пресрет на натпреварот против Македонија во полуфиналето од мундијалскиот бараж в четврток во Палермо (20.45 часот). Победникот од тој меч на 29 март во финалето ќе игра на гости против Порталија или Турција.
– Не треба да го земаме првиот натпревар здраво за готово. Нема да биде лесно, доколку победиме, ќе имаме четири дена да се подготвиме за финалето. Изградивме цврста база, позитивни сме и мора да мислиме дека сè ќе оди добро. Ни претстојат два тешки натпревари. Не требаше да бидеме тука, но се случува понекогаш да се мачиме. Мораме да продолжиме да играме како што игравме секогаш. Не ги постигнавме нашите цели случајно. Не сакавме да ги играме овие натпревари, но момците се чувствуваат добро и тоа е важно. Сакаме да играме на Светското првенство и таму да ја освоиме титулата, но за да стигнеме таму мора да победиме на овие два меча – рече Манчини.