Селекторот на италијанската фудбалска репрезентација Роберто Манчини изјави по вчерашниот пораз од Англија (1-2) во воведното коло во групата Ц дека Азурите ги чека долг пат низ квалификациите за ЕУРО 2024.
Англија со триумфот на гостувањето во Неапол ги освои првите три бодови во групата Ц во која се издвои на првото место со Македонија, која во Скопје беше поуспешна од Малта со идентични 2-1.
„Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, особено тешко беше првото полувреме, но скапо ги плативме грешките при корнерите и примивме два гола. Во продолжението на натпреварот доминиравме и се обидовме да извлечеме барем нерешен резултат, кој мислам дека ќе беше фер“, изјави Манчини.
Италија во второто коло, в недела, ѝ гостува на Малта, додека во вториот натпревар Англија е домаќин на Украина.