Легендарниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона кажа дека е добро, откако го прегледале лекарите затоа што му се слоши во текот на натпреварот меѓу Аргентина и Нигерија на Светското првенство.
Како што пренесува Би-Би-Си, Марадона кажал дека „многу го боли вратот“. Аргентинецот на социјалните мрежи објави фотографија со лекарите кои му укажале помош во текот на полувремето на вчерашниот натпревар во Санкт Петербург и негираше дека бил во болница.
-Сакам на сите да им кажам дека сум добро. Ме прегледа докторот и ми препорача да одам дома пред стартот на второто полувреме, но сакав да останам, затоа што се боревме за поминување понатаму. Како можев да заминам, наведе 57 годишниот Марадона.
Аргентина ја победи Нигерија со 2:1 со голот на Маркос Рохо во 86-та минута и се пласираше во осминафиналето од Мундијалот во Русија.
На видео снимките кои се појавија, Марадона со помош на пријател после натпреварот едвај ја напушти ложата, но Би-Би-Си пренесе дека Аргентинецот подоцна се качил во авион за Москва.
Malore per #Maradona a fine gara #NigeriaArgentina pic.twitter.com/8DnoiHy18B
— Tutti Convocati (@tutticonvocati) June 26, 2018
Тој еуфорично ги прославуваше головите на својот тим, посебно вториот, после кој покажа и среден прст. При резултат 1:1 Марадона плачеше, затоа што тој резултат не и одговараше на Аргентина, затоа што се соочуваше со елиминација. Аргентина во сабота во осминафиналето ќе игра со Франција.
Марадона како капитен ја предводеше Аргентина до титула на Светското првенство во 1986-та година. Одигра 91 натпревар за националниот тим и постигна 34 голови. Од 2008 до 2010 година беше и селектор на својот национален тим.