Фудбалската репрезентација на Македонија утре ја очекува нов квалификациски натпревар на патот кон Светското првенство во Катар идната година и тоа против Ерменија на домашен терен,
За прв пат, од клупата репрезентацијата ќе ја води Благоја Милевски. На официјалната прес-конференција во пресрет на натпреварот, тој изјави дека и покрај сите промени е оптимист.
„Не треба да зборувам многу што ќе се менува во тимот. Благодарност до сите кои беа дел од репрезентацијата, а веќе не се. Пред сè на Пандев, Тричковски и Велкоски. Неминовно беше освежување на тимот. Тоа само по себе си носи промени. Ние ќе се концентрираме на тоа да изгледаме добро како тим на теренот и надвор од него. Иако сме кратко заедно, јас видов дека атмосферата е на високо ниво. Поради тоа, јас сум оптимист иако немавме време за воигруање со новите играчи пред Ерменија. Сите тука се професионалци, имаат квалитет и се добри карактери. Не би зборувалм за тактичките работи. Сите конкурираат за првите 11. Како ќе изгледаме на теренот, исто и формацијата ќе ги оставам во тајност за натпреварот. Сепак, кој и да се најде во тимот, ќе покаже дека е со право тука и има потенцијал. Новите играчи, како и тие со краток репрезентативен стаж се тука поради својот квалитет, а верувам дека тоа ќе го докажат, бидејќи тие се иднината на мак-фудбалот.
Се наоѓаме на старт на сезона, не можеме да бараме висока натпреварувачка форма кај сите фудбалери. Сепак, како е за нас, така е и за останатите. Одредени репрезентативци немаа минутажа, а други немаа било какви натпревари. Направивме освежувања каде што бевме приморани. Голем дел од тимот е ист на тој кој ги започна квалификациите. Мора да останеме конкурентни во овие квалификации, но и во иднина мора да останеме на високо ниво и за следните предизвици на Македонија. “, смета селекторот.
Боби Милевски се осврна и на утрешниот противник Ерменија.
„Ерменците со самото место кое го заземаат во групата, докажува дека се квалитетен тим. Се гледа одличната работа на селекторот Капарос, особено на последните натпревари. Тие покажуваат дека освен тимски квалитет имаат и поединечен. На стартот победија „три од три“, а одиграа добри тестови со Шведска и Хрватска. Сепак, свесни сме дека и ние поседуваме квалитет, да одговориме на предизвикот“, изјави Милевски.