Селекторот Благоја Милевски ќе ја построи Македонија во пресрет на првиот историски бараж за Светското првенство. Задачата не е лесна, меѓутоа „рисовите“ нема да истрчаат со бело знаме против фаворизираната Италија. Предводникот на репрезентацијата го направи изборот и го соопшти списокот на повикани фудбалери за мартовскиот собир.
Стандардно, по објавувањето на списокот Милевски зборуваше на прес-конференција која се одржа во просториите на ФФМ. Селекторот го објасни изборот, се осврна на репрезентацијата и најави борба против фаворитот.
„Се работи за еден натпревар со Италија, во кои 90 минути или 120, а можеби и пенали, неблагодарно е однапред да се планира резултат. Нашите фудбалери треба да уживаат во овој бараж, да покажат дека не сме случајно на ова место и во најдобрите 20 селекции во Европа. Ниту малку не се оптеретувам на прогнозите. Би се израдувал ако не потценат и според коефициентите не гледаат како лесен противник. Во фудбалот нема однапред добиени натпревари. Секоја екипа мора да се потруди да победи, особено ако се работи за плеј-оф за СП. Секој има право на мислење и гледиште на нештата, Македонија покажа достоен квалитет за да биде респектирана од гигантите.
Ние не сме случајно тука, одигравме одлични квалификации и во десет натпревари покажавме дека не сме за потценување. Момците покажаа доста пати дека се кадарни за големи нешта. Без разлика на силината и името на противникот, сите се подготвени и расположени да покажат квалитет достоен за ваков натпревар. Иако нам ни недостига искуство во баражите, но немаме што да загубиме. Оптимизмот секогаш е добредојден ако е поткрепен со факти. Тој оптимизан секогаш ќе биде присутен кај мене, кога гледам фидбек од најважните фудбалери. Овие играчи го прифаќаат и спроведуваат тоа на теренот. Не сакам да зборувам за Европското првенство, туку за мојот престој од први август наваму. Има разлика од квалификациски до бараж натпревар, а тоа го гледам како плус за нас. Македонија е свесна дека го постигна најголемиот успех во историјата. Почувствуваа дека можат да бида конкурентни со најголемите во Европа, растеретени сме и немаме дополнителен притисок. Нема да одиме во Италија како туристи, туку да се надигруваме и победиме“, оптимистично изјави предводникот на Македонија
Покрај другото, Милевски го анализираше и противникот. Зборуваше за отсуствата во Италија, а направи и паралела на претходните дуели со европскиот првак.
„Искрено, целата концентрација ми е насочена кон максимумот од Македонија. Не се оптеретувам многу со Италија и нејзините проблеми, како и со каков тим ќе игра. Се работи за противник кој во своите редови како потенцијални репрезентативци има повеќе врвни имиња на сите позиции. Кој и да игра, ќе биде со слични карактеристики и потенцијал како и првотимците. Се работи за актуелен европски првак кој ја покажа својата сила и доминација. Тие одиграа добри квалификации, но секој тим има свои предности и недостатоци. Се надевам дека ќе уживаме во натпреварот, ама ќе дадеме се од себе. Овој тим на Македонија не знае да игра дефанзивно и да игра пасивно. Тоа го покажавме на сите седум натпревари во квалификациите, интенцијата на тимот е да доминира на теренот и во играта. Не е исто дали играте со еден или друг противник, се работи за една од топ-селекциите во Европа. Ние сакаме да играме активно, ама колку ќе ни дозволи Италија – ќе видиме.
Искрено, не гледам поврзаност со претходните два натпревари против Италија. Се работи за друга филозофија во двата табори, можеби неколку исти играчи, ама се останато е различно. Тоа беа квалификациски дуели, сега е еден натпревар од сосема поинаков тип“, заврши Милевски.
Првиот собир на репрезентативците ќе следи в недела (20 март) и Милевски ќе одржи кратки подготовки пред патувањето во Палермо. Првиот тренинг е закажан за 21 март во 17:00 часот, па следи утрински тренинг следното утро по што ќе се летне за Италија.
Италија ќе ја дочека Македонија на „Ренцо Барбера“ на 24 март (четврток) со почеток во 20:45 часот.