четврток, 2. мај 2024. Вести денес: 0
home Фудбал

Милевски: Овој Исланд игра поинаку и сака посед, па нѐ чека многу неизвесен меч!

Милевски: Овој Исланд игра поинаку и сака посед, па нѐ чека многу неизвесен меч!

Новиот македонски селектор Благоја Милевски очекува многу неизвесен меч во кој можеби ќе решаваат индивидуални потези на гостувањето на Македонија кај Исланд во петото коло од овие мундијалски квалификации кај Исланд во Рејкјавик.

Милевски во пресрет на мечот посочува дека Исланд игра далеку поинаку од тоа што играле како репрезентација, типично „островски“ и дека од тоа што го покажале со Романија, Македонија ја чека многу квалитетен противник во кој нијанси ќе решаваат.

„Исланд е селекција која сака да игра фудбал, не е истата селекција како во минатото, туку е репрезентација која сака посед на топка, а и нивниот селектор има друга фудбалска философија. Од тоа што го видов од мечот со Романија, станува збор за многу квалитетна селекција, која не заслужи да загуби и затоа сме свесни дека нѐ чека многу неизвесен меч, дека пред себе имаме сериозен противник и ќе треба да бидеме на нашето највисоко ниво“, вели Милевски.

Македонија во Рејкјавик доаѓа после неубедливото реми со Ерменија, а „рибарите“ ни се стар должник, зашто на последното гостување во 2008 година загубивме со 0-1, а и Милевски памети еден пораз на стартот со „златната младинска селекција“ во 2015 година со 0-3.

„Ерменија останува зад нас, жалам за пропуштените два бода, но направивме сѐ што беше во нашите можности, ама ни недостигаше завршен пас и реализација. Се надевам сега тоа ќе го подобриме. Тој пораз е минато и јас не се враќам наназад. Сега нѐ чека поинаков меч, ова е поинаков тип на квалификации, посебен тип на противник. Гледам само кон тоиа што ни е следно, а не се осврнувам за тој меч. Наше е да одиме да одиграме најдобро што знаеме, да одиме на победа“, додава Милевски.

Според селекторот Исланд е селекција која е во фаза на трансформација и освежување како и Македонија, додавајќи дека не чувствува посебен притисок откако јавноста високо ги крена своите очекувања од националниот тим после победата со Германија и настапот на Еуро 2020.

„Овој тим е во фаза на трансформација, освежен со фудбалери кои имаа помал стаж во селекцијата, а кој со игрите за клубовите и У21 заслужија да се тука. Не чувствувам јас никаков притисок, ниту фудбалерите чувствуваат некаков притисок од јавноста. За нас, секој следен меч е најважен, така и овој со Исланд, а ние сме тие што се прашуваме исто така на теренот. Наше е до крај да останеме во трка за тоа второ место. Исланд, слично на нас, е селекција која е во фаза на освежување, која создава нов тим, кој е комбинација на младост и искуство и токму поради тоа очекувам крајно неизвесен меч, кој можеби ќе го решаваат и некои индивидуални потези“, потенцира Милевски.