Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од Азербејџан со 1:3 во последниот натпревар во 2022 година. Можеби јавноста очекуваше две победи на овие два пријателски натпревари, но со реми против Финска и со пораз од Азербејџан, се враќаме чекор назад.
Селекторот Благоја Милевски признава дека ова е силна шлаканица во вистинско време, за сите во и околу националниот тим – да се освестат.
„Би сакал да му честитам на противникот за победата и одличниот натпревар. Што се однесува до нас и тоа како ќе ни послужат овие натпревари. Ако од нешто бев задоволен со Финска, на денешниот натпревар имаше некои позитивни работи само во првото полувреме додека не го примивме голот. Од друга страна, мора да сум искрен, ова е една убава „шлаканица“ за сите нас и мора да си го ставиме прстот на чело и да се замислиме сите добро како и колку го почитуваме македонскиот дрес. Тука почнувам јас од себе, па до сите членови на тимот. Ако може да има нешто позитивно од сето ова, добро е што таа шлаканица дојде сега. Фудбалски не се сомневам дека ќе бидеме спремни, но мора да се спремиме во своите глави дека нема лесни противници и дека во фудбалот нема импровизации. Мора да имаш прво самопочит, кон самиот себе, почит кон она што го носиме тука сите од нас, за да се може да се почитува моментот што си член на репрезентацијата на Македонија. Ние сме истите, но односот кон националниот тим не е ист“, изјави Милевски по натпреварот.