петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Милевски: Украинците се квалитетни, но Македонија покажа дека може да се носи со големите ривали

Милевски: Украинците се квалитетни, но Македонија покажа дека може да се носи со големите ривали

На ден пред дуелот со Украина, селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Благоја Милевски со свое видување за мечот кој што е од квалификациите за пласман на ЕП.

„Не е потребно да се трошат зборови за квалитетот на Украина. Има играчи кои играат во топ клубовите. Од друга страна, Македонија многу пати покажа дека може да е конкурентна и со такви ривали. Ме радува нашата форма од септември и се надевам ќе ја задржиме. Утрешниот натпревар ќе биде различен од тој во Скопје.

Доаѓаме во фаза двете селекции да се борат за втората позиција и само победа би ни одговарала на двете репрезентации. Очекувам отворен натпревар со допадлив фудбал. Мора да бидеме пофокусирани за време на сите 90 минути, а не само 60-65 како што беше во Скопје. Првиот меч е детално анализиран, воочени се аномалии во текот на целиот дуел и се надевам тие нема да се повторат. Имаме измени во тимовите од јуни, од тој аспект очекуваме да постои разлика од јунскиот дуел. Во составот нема да биде само Зајков кој се повреди. Сите останати се здрави, се надевам така и ќе остане. Украинците во својот ростер има голем број на исклучително квалитетни играчи. Сметам дека нема да се почувстсвуваат одредени отсуства кај нив“.

„Без разлика на значението на натпреварот, момците секогаш кога доаѓаат да играат за Македонија, не треба да се поставува прашање колку се мотивирани. Тие со она што го покажуваат на терен, секогаш покажуваат дека се максимално мотивирани. Секој меч за својата држава носи притисок, нормален спортски притисок. Колку што се зголемува притисокот, тоа значи дека играте добро и од вас се очекува повеќе. Важноста на натпреварот е мотив повеќе, покажува дека сме тука некаде за нов успех“, изјави Милевски.

Украина и Македонија својот меч ќе го одиграат на „ЕПЕТ Арена“во престолнинната на Чешка, стадион на кој настапува Спарта Прага.

Натпреварот е закажан за в сабота во терминот од 15:00 часот.

Од Прага за kurir,mk

Бошко Тасиќ