Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски ги искажа своите очекувања за утрешниот квалификациски натпревар за ЕУРО 2024 со Украина.
– Од фудбалерите кои ќе се најдат на терен може да очекуваме да го дадат својот максимум. Кој ќе настапи и колку ќе игра зависи од физичката подготовка на секој поединечно, а за натпреварувачка форма не можеме многу да зборуваме, туку за она кој од нив е близу до натпреварувачки ритам. Она што ме прави задоволен во овој изминат период, од 2 јуни па наваму, мислам дека успеавме да направиме баланс од оние кои завршија подоцна, со оние кои порано завршија со своите шампионати. Има крв и желба кај сите за овој натпревар и тоа ќе ни биде еден од условите за натпреварот со Украина, тоа ќе биде максимална трка и физичка подготвеност. Ќе мора да бидеме на 100%, затоа што Украина е извонредно квалитетна селекција и екипно и индивидуално. Мора да бидеме и на повисоко ниво од нашето, ако сакаме успешен резултат, изјави Милевски.
Натпреварот ќе се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје утревечер со почеток во 20:45 часот. зс/