Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски не го криеше задоволството по победата на гостувањето кај Малта од 2-0 со кои се вративме во игра за второто место кое води на Европско првенство.
По ремито со Италија во Скопје, македонските фудбалери остварија победа на гостувањето кај Малта каде со голови на Елмас и Манев славевме со 2-0.
„Честитки за фудбалерите за одиграното, најважен е пристапот и со ваков пристап можеме многу и во иднина. Имаме нова енергија, задоволен сум од новиот лик на Македонија и горд сум на момците, кои уште еднаш се ставија комплетно во функција на тимот. Сакаме да се доближиме до големите, одигравме рутински, а пред неколку дена имавме исцрпувачки меч со Италија на тежок терен. Некои фудбалери прижија и вонсериски напори и јас им честитам“, рече Милевски.
Македонија има уште три тешки натпревари до крајот, играме прво кај Украина, потоа со Италија во гости, а на крајот ја пречекуваме Англија.
„Во фудбалот сѐ е можно и сите опции се можни. Моментно задоволни сме од оваа позиција, сѐ уште сме конкурентни во убедливо најсилната група во историјата. Мислам дека градиме конкурентна селекција која со години ќе биде наш адут, радува фактот што имаме млада селекција и со право може да сме горди на сите нив“, додаде Милевски.