Младата ѕвезда на Шахтар, Михајло Мудрик вели дека преферира да биде стартер во Арсенал наместо резерва во Реал Мадрид, но додава дека многу фактори ќе влијаат врз конечната одлука.
21 годишниот Михајло Мудрик важи за еден од најперспективните играчи во Украина и со своите добри партии го привлече вниманието на најголемите клубови ширум Европа.
Арсенал подолго време се поврзува со негов ангажман, а по дуелите на Реал Мадрид и Шахтар во Лигата на шампионите, почнаа да кружат гласини дека и „кралевите“ се приклучуваат во трката.
Во интервју со Јутјуб каналот на Влада Седан, Михајло Мудрик беше запрашан што преферира, да биде стартер во Арсенал или резерва во Реал Мадрид.
„Од чиста хипотетичка перспектива, доколку имам опција да бидам резерва во Реал Мадрид или стартер во Арсенал, ќе го одберам Арсенал. Но прашањето е тешко, и многу фактори влијаат на конечниот одговор. Прво, од тренерот ќе треба да слушнам дека ќе ми биде укажана шанса и покрај тоа што нема да бидам стартер. Исто така, тренерот ќе треба да ми објасни каква точно ќе биде мојата улога“ – вели Мудрик, за кого Шахтар неодамна порача дека вреди 100 милиони евра.