Пред стартот на Светското фудбалско првенство во Катар, се зголемува бројот на репрезентации за кои се бара да бидат исфрлени.
Откако прво на удар се најде Еквадор, а потоа Иран и Тунис, на ред дојде и Камерун и тоа поради опремата со која треба да настапи во Катар. Фудбалската федерација на Камерун влезе во конфликт со производителот на спортска опрема поради едностраното раскинување на договорот и поради тоа можно е репрезентацијата да биде дисквалификувана.
Камерун за време на квалификациите за СП во Катар играше во опрема на производителот „Le Coq Sportif“, но пред настапот на Мундијалот во Катар, Федерацијата одлучи да го промени производителот и да потпише договор со компанијата од САД, „One All sport“.
Новиот спонзор веќе дизајнира три гарнитури на дресови за репрезентативците на Камерун, а поранешниот производител одлучи да поднесе тужба.
Во целиот случај се вмеша и ФИФА која застана на страната на производителот на спортска опрема бидејќи еднострано бил раскинат договорот и наложи на Федерација на Мундијалот да игра со опрема на „Le Coq Sportif“.
Претседателот на фудбалската федерација на Камерун, Самуел Ето, нема намера да се откаже од соработката со новиот спонзор и планира репрезентацијата во Катар да настапи со нова опрема.Тој потег ги налути челниците на ФИФА кои наводно размислуваат за исфрлање на Камерун од Мундијалот во Катар.
„Одбивањето на Федерацијата да ја спроведе одлуката на ФИФА може да донесе дисквалификација на Камерун од СП во Катар кое не треба да се заборави дека е во организација токму на ФИФА“, изјави камерунскиот адвокат Ме Нтимбане Боно.
Доколку Камерун биде дисквалификуаван, неговото место на СП ќе го зазеде Алжир кој беше елиминиран токму од Камерунците во плеј-офот.