Најстариот професионален фудбалски клуб во светот, англискиот Нотс Каунти, ги демантираше гласините дека ќе биде купен од големата светска поп-ѕвезда Тејлор Свифт.
Откако дел од англиските медиуми пренесоа информација дека американската пејачка и кантавторка сака да го купи Нотс Каунти, се огласија сопствениците на клубот Александер и Кристофер Ридз, демантирајќи ја веста.
-Жал ни е што ги разочаравме нашите и обожавателите на Тејлор Свифт, но мораме да ја демантираме оваа приказна. Сигурно нема лоша крв меѓу нас и Тејлор, но таа сигурно не можела да поверува ниту во нејзините најлуди соништа дека ќе ѝ ја препуштиме нашата контрола, порачаа Крис и Алекс Ридз, во својата шеговита објава, одговарајќи со насловите од песни на американската поп – ѕвезда.
Нотс Каунти е најстариот професионален фудбалски клуб, основан во 1862 година, а во моментов се натпреварува во четвртата англиска лига.
Според последната анализа на „Блумберг“, личното богатство на Свифт се проценува на 1.1 милијарда долари.